Sunday, December 2, 2012

Мистичната магија на корејските кофишоп местенца



Сте посакале ли некогаш да отидете на мирно местенце налик на дома, каде пиејќи го вашето омилено кафе опуштено ќе си разговарате со пријателите? Или пак, да отидете во една прекрасно креативно уредена просторија каде јадејќи капкејк и пиејќи Американо сконцентрирано ќе се припремате за наредниот испит? Токму тоа, и многу повеќе може да го понудат корејските кофишоп местенца. Голем избор на кафиња кои ќе ве стоплат во зима и разладат во лето, сендвичи и слатки кои задолжително се споделуваат со пријателите, и прекрасна атмосфера во која би посакале да го поминете целиот ден.




За жал во нашата земја ‘кофишоп’ често се помешува со распространетите кафулиња чијашто функција и не е сосем иста. И кога ќе го слушнеме тој збор ‘кофишоп’ го поврзуваме со гигантот Старбакс или некои слични места прикажани во филмовите. Но ве уверувам, местата за коишто пишувам тука не се сосем такви. Да, има Старбакс и други големи кофишоп места и во Кореја, но според мене, овие мали топли местенца ја носат вистинската магија што може да ви ја овозможи една шоља кафе.


Кофишоп местенцата се најчесто посетени од младите луѓе. Доаѓаат заедно со пријателите, сами со својот лаптоп, или пак со купче книги и тетратки спремни за впивање на материјалот за испит. За време на испитната сесија во овие местенца едвај може да се најде место, тие се преполни од групи на студенти кои неуморно, во текот на целиот ден, се обидуваат да го совладаат дадениот материјал.


Постојат и кофишоп за миленици така неречени Pet Cafe. Има неколку за кучиња и неколку за мачки. Во овие места може да си го донесете вашето милениче а може и да го посетите сами и да си играте со животинчињата кои живеат таму, во кофишоп местенцето. Навистина е пријатно кога сте љубител на животните да го испиете вашето пладневно кафе во присуство на група на кученца кои неуморно ви се умилкуваат.


Од  друга страна пак постојат и кофишоп места со различни теми. На пример за љубителите на розево има Hello Kitty кафе кое е преплавено со слатки работи. Целото место изобилува со нијанси на розевата боја а ѕидовите се во форма на срценца и ликот на Hello Kitty.


Мислам дека ова е една од работите што најмногу ми недостасува од Кореја. Но, се надевам дека еден ден и во Македонија ќе има барем едно вакво, удобно место.





 

No comments:

Post a Comment