Showing posts with label Кореја. Show all posts
Showing posts with label Кореја. Show all posts

Wednesday, August 21, 2013

Филмски предлог #1

Денеска ќе скршнеме од нашето патување на островот Џеџу и ќе се пренасочиме кон пет различни света креирани за филмското платно. Сакам да ви предложам неколку филмови кои мене ми беше забавно да ги гледам. Нема да коментирам за нивната уметничка вредност или квалитет, тоа ќе оставам да си го процените сами. Сметам дека филмовите се клучен дел во запознавањето на некоја култура, начин на размислување па и секојдневниот живот. Избрав различни жанрови со цел да најдете нешто што би ви прилегало вам. Па, ѕирнете го мојот избор на 5 јужнокорејски филмови за оваа недела: 


#1 – Tae Guk Gi: The Brotherhood of War (2004)

Жанр: воен, акција

Ова е без сомнеж еден од најемотивните филмови што ги имам гледано. Приказната го следи животот на двајца браќа кои се вплеткуваат во суровоста на војната. Дејството се одвива во 1950 година кога северно корејците го окупираат југот.

Monday, August 19, 2013

Авантурите на островот Џеџу! #2

Добредојде назад. Во нашиот паралелен свет сега сме на островот Џеџу: „Трчаш со огромна насмевка танцуваќи заедно со морето од жолти ливчиња. Заслепен си од разиграните сини нијанси пред себе. Пред да успееш да ги зауздаш сопствените емоции веќе заринкуваш со прстите во песокот. Ладната вода ги скокотка твоите неврони чии импулси возбудено трчаат низ твоето тело. Чекор по чекор се движиш по бистрото синило набљудувајќи ги своите бледи стапала. Водата е толку бистра што се чини дека брановите воопшто и не го допираат песокот на тлото. Уживаш во ветрето и неговата свежина. Брановите ја распенуваат водата која удира во твоите колена. Наеднаш, твоите нозе потонуваат во огромна црна сенка која ги обзема сосем ненадејно. Во дел од секунда почнуваш да скокаш пред да размислиш што навистина се случува. Си проверуваш дали се е во ред со твоите очи и пред да можеш да се вратиш во нормала црнилото се претвора во сребро и исчезнува. Ти станува јасно дека тоа било само јато од илјадници мали рипчиња кои сигурно се исплашиле повеќе од тебе. На површината на водата испливуваат храбрите мали воини, жртви на твоето немирно претање. Можеби денес не е вистинскиот ден да се нурнеш во бистрото синило. Можеби утре!



Излегуваш од водата и почнуваш да чекориш долж ситниот песок кој ја опкружува. Го пушташ мозокот на пасење и бесцелно гледаш кон далечините. Комплетно се исклучуваш и пред да се свестиш се удираш во една бабичка облечена во одело за нуркање. Баба нуркач? Исплашено почнуваш да ја анализираш. Го гледаш нејзиното старо збрчкано лице опкружено со гума. На главата носи округла маска направена од стакло без никаква додатна заштита. Нема боца за дишење. На половината има закачено појас нанижен со камења. Целото тело и е покриено во црна гума. Ти се насмевнува, ја зема големата зелена мрежа на која е закачена една портокалова топка, можеби од стиропор и влегува во студената вода. Што ли видов? Погледот ти шета кон морето и почнуваш да забележуваш се повеќе портокалови топки кој пловат во далечините на морето.

Sunday, August 18, 2013

Авантурите на островот Џеџу! #1

Замисли: „ Го испи утринското кафе. Фрлаш замаглен поглед околу себе обидувајќи се да се прилагодиш на новата слика пред твоите очи. Синоќа беше во урбаната џунгла Сеул а денес, денес веќе си опкружен со нешто сосем поинакво. Малите куќички, зелените пространства и мирисот на море полека те обземаат. Не можеш да ја скротиш желбата за истражување, па има толку многу работи што сакаш да ги дознаеш. Само еден час со авион подалеку од Сеул а веќе си опкружен со сосем поинаков свет. Добредојде во Џеџу (제주도; Jeju)!




Вооружан со нетрпение го правиш првиот чекор кој те носи 2 милиони години наназад, до создавањето на островот. Пред тебе се протега огромно пространство вода кое немирно танцува вриејќи од жешката маса испратена од неговото тло. Во плитките води избива вулкан. Забрзано прелетуваш низ наредните милион години. Слоеви од лава и пепел се трупаат над немирната вода создавајќи остров. Подзастануваш на точката означена „пред 25 илјади години“, сите вулкани се стивнати. Лутината на земјата се фокусира во една единствена точка која избива создавајќи го најголемиот кратер, планината Хала. Го правиш вториот чекор. Стоиш на едно ридче набљудувајќи го брановитото море од зеленило пред себе. Ридестите конструкции пред тебе и каналите создадени од лава под твоето тло сведочат за насилното создавање на островот. Денес, на него има 360 мали ридчиња од изгаснати вулкани наречени Орум (오름; Oreum) доминирани од една голема конструкција позната како планината Хала. 

Sunday, May 12, 2013

Фестивал на лотусовите фенери [Lotus Lantern Festival; 연등회 연등축제]

Замисли: „ Погледнуваш кон улицатa чии улични светилки штотуку згаснаа.Од кривината на крајот се појавува море од луѓе кои неуморно носат илјадници фенери над нивните глави. Можеш да ги забележиш и нивните насмевки срамежливо отцртани со нежната светлина на фенерите. Целата слика потсетува на море во кое е отсликана јарката светлина на ѕвездите. Не успеваш да одолееш на музиката и звукот на насмевките кои одѕвонуваат во твоите уши. Полека се препушташ, те обзема магијата и пред  да се свестиш веќе пливаш во морето со сите оние луѓе. И ти стануваш дел од нивната прослава. Го празнувате роденденот на Буда. “




Токму такво е чувството кога ќе бидете дел од „Фестивалот на лотусовите фенери“.  Фестивалот се одржува секоја година во периодот околу роденденот на Буда кој пак, се прославува на 8 ден од 4 месец според лунарниот календар. Оваа година роденденот на Буда се паѓа на 17 Мај, а фестивалот беше одржан од  10 – 12 Мај. 

Tuesday, April 30, 2013

Островчето Нами ( Namisom; 남이섬)


Во  1944 година во северниот дел на реката Хан  при изградба на браната Cheongpyeong дошло до подигнување на нивото на водата кое резултирало со создавање на малечко островче во форма на полумесечина наречено Нами. 


Своето име го добило по генералот Нами кој починал на 28 годишна возраст откако бил лажно наклеветен за предавство за време на владеењето на кралот Сеџо, седмиот крал на династијата Чосон во Кореја. Иако гробот на младиот генерал не бил најден, на местото каде се верува дека бил закопан има купче од камења. 

Tuesday, March 26, 2013

Пролет во Кореја #1

Како што се затоплува времето така ми се навраќаат спомените од минатата пролет во Кореја. Понесена од сеќавањата на опојниот мирис на расцветани дрвја по корејските улици решив да споделам неколку фотографии и со вас.^^*

*Дрвја во кампусот на универзитетот Kyung Hee. Сеуште не можам да го откријам името на ова дрво...можеби е магнолија?

Sunday, January 27, 2013

Каква храна може да купите на улиците во Кореја? #1

Би биле изненадени од разновидноста на храната што можете да ја најдете на улиците во Јужна Кореја. Евтино, вкусно и брзо, така би го класифицирала концептот на корејските „Поџангмача“ (포장마차).

 


„Поџангмача“ се тезги со храна распространети насекаде по улиците. Некои од нив се на тркала, некои статични. Има и покриени и откриени тезги. Некои работат преку ден други пак доцна навечер. Но сите од нив се снабдени со разновидна храна а некои од нив и со алхохолни пијалаци. Често можете да сретнете луѓе кои стоејќи јадат на овие штандови или пак седат на пластични столчиња пиејќи алхохол и јадејќи анџу (храна што се консумира заедно со алхохол...мезе). Оние пак кои немаат време за седење си ја носат храната дома. 

Monday, December 24, 2012

Кратки анимирани филмови

Шетајќи по интернетов, наидов на два интересни корејски кратки анимирани филмови. И си помислив, зошто да не ги споделам со вас!

Се надевам дека ќе ви се допаднат^^*


Eден ден обичен ден


Аларм




Sunday, December 16, 2012

Сеулската Н кула и љубовните катанчиња


Во самиот центар на Сеул се издига „планина“ висока околу 262 метри наречена Намсан. На неа гордо се извишува едно од обележјата на оваа метропола- Сеулската Н кула или едноставно Сеулската кула. Тоа што ја прави оваа кула толку посебна и вредна за посета е прекрасниот поглед на буквално целиот град. Навечер ова обсервациско место е преполно со млади парови и туристи кои опуштено уживаат во магичната глетка на точките светло од улиците, движењето на светлата од автомобилите и раѓањето на месечината. Покрај прекрасната глетка, кај Сеулската кула има  и многу атракции како „Музејот на плишени мечиња“, жичарата, рестораните и кафулињата, видиковецот на врвот на кулата итн. 

Sunday, December 2, 2012

Мистичната магија на корејските кофишоп местенца



Сте посакале ли некогаш да отидете на мирно местенце налик на дома, каде пиејќи го вашето омилено кафе опуштено ќе си разговарате со пријателите? Или пак, да отидете во една прекрасно креативно уредена просторија каде јадејќи капкејк и пиејќи Американо сконцентрирано ќе се припремате за наредниот испит? Токму тоа, и многу повеќе може да го понудат корејските кофишоп местенца. Голем избор на кафиња кои ќе ве стоплат во зима и разладат во лето, сендвичи и слатки кои задолжително се споделуваат со пријателите, и прекрасна атмосфера во која би посакале да го поминете целиот ден.

Tuesday, November 27, 2012

Сте слушнале ли за 'Конглиш'?

Една од најинтересните работи кои може да се сретнат во Кореја...па и во било која друга земја во светот, е погрешната употреба на англиски. 

Конглиш е термин кој се однесува на погрешната употреба на англиските зборови во корејски контекст. Но во последно време овој термин покрај зборовите, ги опфаќа погрешно структурираните речници 'измоделирани' на корејски начин. Готовиот производ од оваа мешавина на двата јазика се низа од интересни реченици и изрази кои целосно ја изгубиле својата смисла. Како резултат на тоа, странците во Кореја (и во околните азиски земји) постојано ги ловат овие 'симпатични' грешки.