Sunday, December 16, 2012

Сеулската Н кула и љубовните катанчиња


Во самиот центар на Сеул се издига „планина“ висока околу 262 метри наречена Намсан. На неа гордо се извишува едно од обележјата на оваа метропола- Сеулската Н кула или едноставно Сеулската кула. Тоа што ја прави оваа кула толку посебна и вредна за посета е прекрасниот поглед на буквално целиот град. Навечер ова обсервациско место е преполно со млади парови и туристи кои опуштено уживаат во магичната глетка на точките светло од улиците, движењето на светлата од автомобилите и раѓањето на месечината. Покрај прекрасната глетка, кај Сеулската кула има  и многу атракции како „Музејот на плишени мечиња“, жичарата, рестораните и кафулињата, видиковецот на врвот на кулата итн. 
Кулата била изградена околу 1969 година, а во 1980 била отворена за јавноста. Од тогаш наваму таа претставува симбол на Сеул.


Сеулската кула е едно од најромантичните места во областа на Сеул, па затоа е преплавена од парови кои заљубено ја набљудуваат динамичноста на градот. Оттука најверојатно започнала и традицијата на закачување на љубовните катанчиња на оградите и „дрвата од жица“ посебно изработени за ваквата употреба. За што всушност се работи. Верувањето за љубовните катанчиња околу 2000 година се распространило насекаде во светот. Имено се верува дека ако заљубениот пар го закачи катанчето на некоја ограда и го фрли клучот, нивната љубов ќе трае вечно. Односно нивната љубов е заклучена засекогаш исто како катанчето. Има и други места во светот каде се практикува ова интересно верување.


Дрвата од жици пак, служат наместо ограда и се создадени да ја издржат тежината на илјадниците катанчиња, писма, слики, футроли за телефони и какви уште не предмети кои симболизираат нечија љубов.


Сеулската кула е совршено место за романтичните души.

No comments:

Post a Comment