Monday, August 19, 2013

Авантурите на островот Џеџу! #2

Добредојде назад. Во нашиот паралелен свет сега сме на островот Џеџу: „Трчаш со огромна насмевка танцуваќи заедно со морето од жолти ливчиња. Заслепен си од разиграните сини нијанси пред себе. Пред да успееш да ги зауздаш сопствените емоции веќе заринкуваш со прстите во песокот. Ладната вода ги скокотка твоите неврони чии импулси возбудено трчаат низ твоето тело. Чекор по чекор се движиш по бистрото синило набљудувајќи ги своите бледи стапала. Водата е толку бистра што се чини дека брановите воопшто и не го допираат песокот на тлото. Уживаш во ветрето и неговата свежина. Брановите ја распенуваат водата која удира во твоите колена. Наеднаш, твоите нозе потонуваат во огромна црна сенка која ги обзема сосем ненадејно. Во дел од секунда почнуваш да скокаш пред да размислиш што навистина се случува. Си проверуваш дали се е во ред со твоите очи и пред да можеш да се вратиш во нормала црнилото се претвора во сребро и исчезнува. Ти станува јасно дека тоа било само јато од илјадници мали рипчиња кои сигурно се исплашиле повеќе од тебе. На површината на водата испливуваат храбрите мали воини, жртви на твоето немирно претање. Можеби денес не е вистинскиот ден да се нурнеш во бистрото синило. Можеби утре!



Излегуваш од водата и почнуваш да чекориш долж ситниот песок кој ја опкружува. Го пушташ мозокот на пасење и бесцелно гледаш кон далечините. Комплетно се исклучуваш и пред да се свестиш се удираш во една бабичка облечена во одело за нуркање. Баба нуркач? Исплашено почнуваш да ја анализираш. Го гледаш нејзиното старо збрчкано лице опкружено со гума. На главата носи округла маска направена од стакло без никаква додатна заштита. Нема боца за дишење. На половината има закачено појас нанижен со камења. Целото тело и е покриено во црна гума. Ти се насмевнува, ја зема големата зелена мрежа на која е закачена една портокалова топка, можеби од стиропор и влегува во студената вода. Што ли видов? Погледот ти шета кон морето и почнуваш да забележуваш се повеќе портокалови топки кој пловат во далечините на морето.



Застануваш еден случаен минувач со цел да си докажеш дека не халуцинираш. Расположениот минувач ти ја раскажува приказната за овие интересни жени наречени Хенјо (해녀;Haenyo). Жените нуркачи се еден од заштитните симболи на островот. Повеќето од нив почнале да нуркаат кога имале 13 години а денес, денес имаат во просек од 50 – 80 години. Неверојатно! Мажите оделе во риболов или во војна што ги оставало жените да се снаоѓаат сами. Морето нудело многу повеќе од риба а овие упорни жени знаеле како да го прифатат тој дар. Тие нуркаат без никаква опрема задржувајќи го здивот и до 2 минути додека се спуштаат дури 20 метри во длабочина. Можеби сето ова не те фасцинира толку колку насмевките на нивните лица кога ќе излезат од водата додека испуштаат мошне интересен звук, како свиркање. Нивниот живот несомнено бил, и сеуште е неверојатно суров и мачен. Но, тие се задоволни со она што го уловиле и што преживеале уште една борба со немирните струи на морето. По 5 часа во студената вода борејќи се со морските струи задоволно ги тегнат полните вреќи кон собиралиштето. 


Тргнуваш по нив поведен од желбата да ѕирнеш во нивните вреќи. Одејќи ја гледаш истата жена во која се удри пред неколку часа, таа веќе го распослала својот улов на песокот. Нештата на песокот ти изгледаат вонземски, па никогаш навистина не си видел што лежи на морското дно. Распознаваш октоподи, некакви школки и нешто налик на морски ежиња. Навистина интересно! Случајниот минувач откако ја заврши приказната спомна дека овој занает полека изумира но со цел да ги зачуваат спомените и уникатноста на жените нуркачи отворен е Хенјо музеј каде била прикажана целата историја на овие жени и имало часови за како да станеш Хенјо. Несомнено добра идеја за привлекување на туристи, но ништо не може да ја долови искрејноста и издржливоста на овие жени како вистинската слика пред твоите очи.


Зашеметен од случувањата и движењата на сликите пред твоите рожници не го ни примети заминувањето на денот. Уморно и фасцинирано полека се враќаш кон собата каде престојуваш. Легнуваш на тенката ткаенина на подот во традиционално украсената соба. Почнуваш да ги процесираш информациите насобрани од првиот ден кои како мали термити ти го напаѓаат сонот. Борејќи се со нив конечно успеваш да заспиеш.“

Eating with the wind
Excreting with the clouds
Making the waves my home
Farewell to my grieving mother
Farewell to my grieving father
Farewell to my parents and siblings
Making the Han River Sea my home
Entrusting my cursed lot to continue on
My soul and body was born

-извадок од книга изложена во 
музејот посветен на Хенјо.




No comments:

Post a Comment