Sunday, May 12, 2013

Фестивал на лотусовите фенери [Lotus Lantern Festival; 연등회 연등축제]

Замисли: „ Погледнуваш кон улицатa чии улични светилки штотуку згаснаа.Од кривината на крајот се појавува море од луѓе кои неуморно носат илјадници фенери над нивните глави. Можеш да ги забележиш и нивните насмевки срамежливо отцртани со нежната светлина на фенерите. Целата слика потсетува на море во кое е отсликана јарката светлина на ѕвездите. Не успеваш да одолееш на музиката и звукот на насмевките кои одѕвонуваат во твоите уши. Полека се препушташ, те обзема магијата и пред  да се свестиш веќе пливаш во морето со сите оние луѓе. И ти стануваш дел од нивната прослава. Го празнувате роденденот на Буда. “




Токму такво е чувството кога ќе бидете дел од „Фестивалот на лотусовите фенери“.  Фестивалот се одржува секоја година во периодот околу роденденот на Буда кој пак, се прославува на 8 ден од 4 месец според лунарниот календар. Оваа година роденденот на Буда се паѓа на 17 Мај, а фестивалот беше одржан од  10 – 12 Мај. 


Според Будистичките верувања фенерите се симбол на мудрост и донесуваат светлина во светот. Јонднг (Yeondeung)- палење на фенерите е значаен ритуал во Будизмот со кој му се оддава почит на Буда. Ваквиот ритуал почнал да се практикува за време на династиите Горјо [Goryeo; 고려] (918-1392)  и Чосон [Joseon; 조선] (1392-1910). Се верува дека со чинот на палење фенер во форма на лотус се прочистуваат темните делови на душата притоа оставајќи простор за нов почеток. Ритуалот се изведува и ден денес во склоп на фестивалот. 


„Фестивалот на лотусовите фенери“ има прекрасна програма. Можете да присуствувате на парадата на фенери, или пак да направите фенерче во форма на лотус, да зборувате со монаси кои постојано се насмеани или пак да играте некоја од традиционалните игри, може и да ја напишете вашата желба и да ја врзете на огромен балон кој потоа ќе се вивне во небото или пак да гледате некој од прекрасните традиционални преформанси. Организацијата е на високо ниво и нема да најдете ниту 5 минути во кои ќе ви биде досадно. 





Па, доколку некогаш патот ве одведе во Сеул задолжително присуствувајте на овој фестивал. Навистина е едно незаборавно искуство!^^* 






Погледнете и дел од атмосферата на минатогодишниот фестивал: http://www.youtube.com/watch?v=tajts2y9Hc8


No comments:

Post a Comment